Со триото „Ѓорѓи Шаревски” заедно со еден од најпознатите европски саксафонисти италијанецот Франческо Беарцати, и бендот на Зафир Хаџиманов, во петок ќе започне третото издание на џез фестивалот кој викендов (24 до 26 август) ќе се одржи во манастирскиот комплекс „Свети Никола”, во селото Ваташа.
Директорот на Домот на културата „Иван Мазов Климе” од Кавадарци, Владимир Темков информираше дека на фестивалот ќе се претстават големи џез имиња.
– Втората вечер од фестивалот ќе биде сплет на поезија, музика и танц со познатата француска тромбонистка Мари Петров, афирмираниот басист и композитор Петар Херберт од Австрија, неговата сонародничка пејачка и перкусионистка Арабел Карајан и познатата Маргот Д Орлеанс, француската танц дива. Кулминацијата ќе биде со настапот на фантастичното „Баце, трио, Љуартет, Љуинтет” и нивната неограничена и отворена музика, рече Темков.
Третата фестивалска вечер ќе стартува со настапот на Петар Херберт и Ѓорѓи Дончев, контрабасисти. Продолжението на џез вечерта ќе биде со настапот на „Марие Петров Љуартет”.
Влезот е бесплатен, а прв пат ќе има организиран бесплатен превоз од Скопје, Охрид, Прилеп и Битола. Фестивалот е под покровителство на градоначалникот на Кавадарци Александар Панов, а го организирало Здружението „Air od art“.