Вториот дел од Градскиот парк, наспроти „Паркот за миленици“, и денеска пулсираше во мноштво бои и изобилува со цвеќиња, цветни аранжмани и цветни инсталации …
Првиот СКОПСКИ ЦВЕТЕН ФЕСТИВАЛ и денеска привлече огромен број граѓани кои уживаа во дружењето со цвеќињата, се едуцираа и се забавуваа на отворено. Фестивалот на цвеќето денеска го посети и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– На организацијата на овој прв СКОПСКИ ЦВЕТЕН ФЕСТИВАЛ Градот Скопје многу сериозно му се посвети, зашто како што е веќе познато, наша определба е Скопје да стане град на цвеќето. Екипите на Градот Скопје во изминатиов период интензивно засадуваат цвеќиња и уредуваат цветни инсталации на јавните површини. Она што ми претставува особено задоволство е што овој фестивал на цвеќето го привлече интересот на голем број наши сограѓани. Еве, само во текот на вчерашниот ден ЦВЕТНИОТ ФЕСТИВАЛ го посетија повеќе од 5.000 граѓани. Очекуваме во текот на денешниот ден интересот да биде уште поголем – рече денеска градоначалникот Трајановски.
Трајановски додаде дека фестивалот на цвеќето има едукативен, изложбен и продажен карактер, а неговата цел е да се промовира цвеќето во уредувањето на јавните површини и во индивидуалните простори и да се едуцираат граѓаните како правилно да ги негуваат цвеќињата и да прават цветни аранжмани.
– Стручни лица од ЈП „Паркови и зеленило“, како и од другите фирми учеснички на овој фестивал им пренесуваат искуства на граѓаните како правилно да ги расадуваат и да ги негуваат цвеќињата, а во рамките на бројните работилници нашите најмлади исто така имаат можност за засадат цвеќе, да научат нешто повеќе за цвеќињата, да цртаат, да спортуваат на отворено и да се дружат. За организација на овој прв СКОПСКИ ЦВЕТЕН ФЕСТИВАЛ Градот Скопје потроши околу 1,2 милиони денари. Ние ќе работиме наредната година фестивалот на цвеќето да биде уште побогат и со повеќе учесници. Се надевам дека наредната година овој фестивал ќе има и меѓународен карактер – нагласи градоначалникот Коце Трајановски.