Трајановски на средба со претставници од збратимениот Темпи

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски вчера (31 мај, петок) оствари средба со претставници од збратимениот град Темпи од САД, Аризона.

Станува збор за д-р Сара Мекени (Sarah McKenney), професор Џенис Френсин Вагнер (Janice Francine Wagner) и професор Гленис Нејси Вестморланд (Glynnience Niecy Westmoreland).

Целта на нивната посета во Скопје е спроведување на истражување кое е во рамките на студиите за романтичните врски на адолесцентите и истото се спроведува преку анкети и групни интервјуа на адолесцентите во средните училишта во Скопје.

Градоначалникот Трајановски на гостите им посака убав престој во Скопје и успешна работа на нивното истражување. Тој се осврна досегашната соработка со Темпи, редовната размена на ученици и професори и позитивните резултати од оваа активност.

На средбата со градоначалникот Трајановски присуствуваа и две професорки од средните училишта „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Васил Антевски-Дрен“ кои во август годинава ќе престојуваат во Темпи.

Градот Скопје и Градот Темпи од Аризона, САД се збратимени од 1971 година, а во овие години се реализирани повеќе проекти и размени на професори и ученици.

You May Also Like