Вечер (вторник, 23 септември) во 22:30 во Универзалната сала гостува театарот Línea de Sombra од Мексико со претставата „Амарило“.
Гостувањето на Мексиканскиот театар е во рамките на годинашниот МОТ.
За претставата: Еден човек си замина и од него нема ниту глас. Амарило, Тексас, е дестинацијата на која никогаш не пристигна. Една жена во далечината го реконструира неговото тело, идентитет, маршрутата што веројатно ја следел и замислениот говор на отсутниот. Од пронаоѓањето на овие делчиња и траги произлегува орографијата и можните предели од неговото патување. Потрага во која, освен географската и документарната трага, се манифестира и емотивната трага на отсуството. Тој маж и таа жена имаат повеќе лица, стотици илјади идентитети што се согласуваат со сликата за нацијата со постојани преселби, која полека се испразнува себеси. Амарило е далечно место, но ја претставува и интензивната боја и екстремната суровост на пустинското сонце.