Од вчера (петок, 31 мај) има „Туристичка стража“ на плоштадот „Македонија“ и на плоштадот „Карпошово востание“.
Проектот „Туристичката стража“ кој за прват се реализираше минатата година во организација на Бирото за туризам и информации на Град Скопје во соработка со ДКЦ „Карпош“ и e наменет за промоција на централното градско подрачје пред туристите што го посетуваат нашиот град, годинава ќе се прошири и ќе се реализира и на плоштадот „Карпошово востание“.
Секојдневно се зголемува бројот на домашни и странски туристи коишто го посетуваат нашиот град и се интересираат за културно-историските споменици во центарот на градот. За повпечатлива и поверодостојна туристичка презентација на културно-историските споменици, осум млади учесници во проектот завршија обука во Бирото и се стекнаа со соодветни знаења за карактеристиките, историјата и значењето на објектите од богатата историја на Скопје. Тие своето знаење ќе им го пренесуваат на заинтересираните туристи.
За да можат туристите поавтентично да се информираат за времето од кое што потекнуваат спомениците, презентерите ќе бидат униформирани во македонска национална облека, карактеристична за одредени временски периоди (македонска античка, македонска средновековна комитска и облека од учесниците во НОБ – партизанска).
„Туристичката стража“ ќе биде лоцирана на плоштадот „Македонија“ и на плоштадот „Карпошово востание“ секој ден, од 11 до 13 часот. Проекот ќе трае до месец ноември, односно додека се поволни временските услови.