Томислав Османли повторно во сефардското списание „Лос Муестрос“

Списанието со лого „Глас на Сефардите“, само што го објави второто продолжение на најзначајната проза од книгата еврејски теми на македонскиот автор Томислав Османли, неговата книжевно-историска новела насловена „Смртта на Ерусалим“.

Во празничниот, пасхален број на меѓународното сефардско списание „Лос Муестрос“ продолжува објавувањето на прозите со еврејска тема на нашиот писател Томислав Османли од неговата книга раскази и новели „Светилка за Ханука“ која неодамна го доживеа своето второ издание во Македонија, а на англиски јазик, до крајот на годинава, целата ќе биде објавена во реномирано списание.

Празничниот број на светското списание што ја афирмира сефардската култура на повеќе јазици, а пред се’ на Ладино, еден од јазиците со кои говорат и македонските Евреи ги покрива одбележувањата на големиот еврејски празник Пасха кој трае до 2 април, и се одненсува на библискиот Егзодус, поточно ослободувањето на еврејскиот народ предводен од Мојсеј од долготрајното египетско ропство. Едновремено бројот го покрива и Јом Хашоа, меѓународниот ден на холокаусот на Евреите за што тематски се врзува и објавата на прозата на нашиот писател.

Ова е инаку единаесетта објава на книжевен текст од Томислав Османли во ова списанието, со што тој станува негов ексклузивен автор, а неговата прозна книга добива највалидна верификација за своите книжевни и историски квалитети од најмериторно место.

You May Also Like