Томислав Османли на програмата на Радио Белград 2

Емитуван разговор со македонскиот писател Томислав Османли посветен на хрватското издание на романот „Дваесет и првиот“ …

tomislav osmanli

Денес на програмата на Радио Белград 2,  е емитуван опсежен разговор со македонскиот писател Томислав Османли. Разговорот беше реализиран во рамките на неделната авторска емисија радио-интервјуи посветена на запознавањето со актуелната балканска културна сцена, чиј што наслов на српски јазик содржи две значења: „Окото на Балканот“ и едновремено „Околу Балканот“ која ја води литературниот новинар и критичар Саша Ќириќ. Непосреден повод за ова интервју на српскиот едновремено и хрватски книжевен критичар, беше неговиот прочит на романот „Дваесет и првиот“ и неговата хрватска објава во издание на книгоиздателството „Сандорф“ од Загреб.

Во разговорот пред микрофон стана збор за значењата и слоевите на овој награден роман. Опсежните и внимателни анализи и од нив изведените прашања на авторот на интервјуто Саша Ќириќ кон комплексниот книжевен материјал во македонскиот роман, беа поттици за откривањето на авторските потходи во сложениот книжевен материјал на „Дваесет и првиот“. Како и во другите свои интервјуа за странски медиуми, Османли се осврна и на поголем број имиња на македонски творци од актуелната книжевна продукција. Во интервјуто беше најавена и скорошената објава на романот во Црна Гора, како и можноста тој да биде објавен и во Србија.

Во емисијата „Окото на Балканот“ учествувале и други македонски автори (Венко Андоновски, Сашо Прокопиев, Румена Бужаровска, Игор Исаковски, Јасна Котевска).
Во денешното издание на емисијата која редовно вклучува два разговора, нашиот писател беше единствениот гостин.

Инаку Саша Ќириќ, авторот на емисијата на „Окото на Балканот“ што се емитува секоја среда на Втората програма на белградското радио, едновремено пишува литературни критики за загрепскиот весник „Новости“, и е уредник во белградски „Бетон“ медиум со свое печатено, како и со интернет издание на чиј сајт ќе биде поставувен аудио-клипот од разговорот на Ќириќ со нашиот писател.

Ова е второ медиско фокусирање на романот на Османли во Радио Белград. Имено, покрај ова интервју за емисијата на Ќириќ „Окото на Балканот“ реализирано за Втората програма, во циклусот „Од ракописите“, Третата програма на Радио Белград под уредништво на Иван Миленковиќ – од јуни до август 2012 година – на својата програма објави повеќе делови од наградениот роман “Дваесет и првиот“ на Османли.

You May Also Like