Театарот постои 24 години, а во просторот што ќе се реновира функционира 16 години. Просторот има 30-ина квадратни метри со 123 седишта во партер, а во изминатиот период ансамблот беше доекипиран со шест актери …
Театарот за деца и младинци од септември 2015 ќе има реновиран и проширен простор, најави денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која беше во работна посета на оваа единствена национална театарска установа за деца. Салата за публиката ќе биде поголема во должина и ќе се протега до крајниот дел од објектот. Ќе бидат реновирани и сцената, гримјорните и просториите за фундусот, театарското фоаје, административните простории и санитарните јазли. Идејниот проект се очекува до 10 јуни, за потоа да биде објавен тендер за избор на фирма што ќе го проектира просторот и фирма што ќе го реновира.
– Театарот за деца и младинци заслужува да добие реконструкција. Сметаме дека е тоа доста значајно бидејќи ова е единствената институција која има едукативна мисија кај младата популација со содржините во својот репертоар. Затоа во програмата го ставивме овој проект и веднаш ќе пристапиме кон негова реализација. Денеска со тим од Министерството за култура ја скениравме состојбата, направивме динамичен план за реконструкцијата и веднаш ќе се пристапи кон идеен проект за реорганизација на објектот. Според планот, во септември следната година театарот треба да добие нов современ простор, со поголема сцена и поголемо гледалиште – изјави Канческа-Милевска.
Директорот на театарот, Драган Довлев, истакна дека проширувањето ќе ги задоволи нивните потреби.
– Ова е голем ден за нашиот театар и ни дава сила за понатаму. По една ваква одлука, сигурен сум дека еден ден ќе дочекаме и нов објект со кој ќе се гордее и целата држава. Но, големо благодарам што во рамките на овој објект ќе се извлече максимумот. Мислам дека проектот ќе биде одличен и дека во наредните пет до 15 години ќе немаме потреба за нешто плус. Се што вложивме за 24 години, на крајот се исплаќа. Многу ќе ни ја подобри работата, а децата, кои се нашата публика, заслужија подобри услови во кои ќе ги гледаат нашите претстави – рече Довлев.
Покрај реконструкцијата, Театарот за деца и младинци ќе добие и современа сценска опрема во рамките на проектот за нова сценска технологија на македонските театри.
Овој театар постои 24 години, а во просторот што ќе се реновира функционира 16 години. Просторот има 30-ина квадратни метри со 123 седишта во партерот. Во изминатиот период ансамблот беше доекипиран со шест актери. Театарот за деца и младинци е меѓу најнаградуваните професионални театри во Македонија: 36 меѓународни награди и девет гран-при за најдобра претстава. Годишно изведува околу 200 претстави и има околу 20.000 посетители.
Најнова претстава на театарот е „Нашиот клас“, за деца над 14 години, по текст на Тадеуш Слобоѓанек и во режија на Владимир Милчин, која премиерно беше изведена минатата недела.