Театар „Комедија“ на новата сцена со „Микс на среќата“

Основањето на овој седми професионален театар во Република Македонија во 2012 година, беше во контекст на заложбите на Министерството за култура за поразновидна театарска понуда за граѓаните на нашата држава …

kanceska-milevska teatar komedija nagradaСо театарскиот настан „Микс на среќата“, синоќа на сцената на Театар „Центар“ беше одбележан почетокот на работењето на Театар „Комедија“ во новиот објект, кој со одлука на Владата на РМ е доделен на користење на оваа национална установа.

Со аплаузи и смеа беа прифатени изведбите на сегментите од шесте досегашни премиери на најмладиот театар во Република Македонија, а меѓу изведбите, преку краток аудиодел, беа претставени и генералиите на претставите (автор, режија, датумот на првата изведба, бројот на изведби, градови каде што гостувале и освоени награди).

На настанот присустуваа и вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески,и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, на кои им беа врачени театарски маски и благодарници за поддршката на Театарот „Комедија“.

Основањето на овој седми професионален театар во Македонија во 2012 година, беше во контекст на заложбите на Министерството за култура за поразновидна театарска понуда за граѓаните.

Театарот „Комедија“ во изминатите две години, со поддршка од Министерството за култура, реализираше повеќе проекти кои предизвикаа голем интерес кај публиката. Претставите на овој театар беа презентирани на Фестивалот на комедијата во Куманово, на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде што минатата година со трите освоени награди стана и најнаградуван театар на овој реномиран фестивал, потоа на Битфест во Битола, како и на фестивалот Охридско лето.

Во рамките на меѓународната промоција, во 2013 година беа поддржани и две гостувања на Театарот „Комедија“ на театарскиот фестивал во Трабзон, Турција, како и на фестивалот за комедија во Мостар од каде што се врати со двете најпрестижни награди за најдобра режија и за најдобра продукција. Минатата година, Театар „Комедија“, во соработка со општина Аеродром, го организираше театарското културно лето „Аеродром се смее“ кое помина навистина успешно и претставува добар пример за соработка меѓу локалната власт и националните установи од областа на културата.

Со одобрената програма на Министерството за култура, Театарот „Комедија“ со претставата „Женидба“ ќе гостува во Санкт Петербург, Руска Федерација, а на редовниот репертор се поддржани три премиерни изведби како гостувања низ државава.

You May Also Like