Балканската турнеја на Суперхикс го забрзува своето темпо. Вчера настапуваа во Загреб во рамките на Avenue Mall Fresh! Open Air концертите, а веќе денес, нивниот концерт го очекуваат и фановите во Риека. Таму концертната ска атракција ќе се одржи во Стерео Дворана, а фештата ќе биде надополнета со настап и на нивните добри француски пријатели Joke и Антенат, најдобриот хрватски ска бенд, или поточно субреге, како што тие самите го нарекуваат својот музички стил.
По велигденската посета на Хрватска, нив ги очекуваат во Србија како хедлајнери на тридневниот Trenchtown Festival, кој годинава го има своето дванаесетто издание, а се одржува во преубавата природна оаза, Етно кампот кај Палиќа. Суперхикс настапуваат на првиот фестивалски ден, 30-ти април, заедно со Ева Браун, со кои веројатно и заедно ќе заминат кон Trenchtown, после концертот на Ева Браун во Скопје само два дена претходно, на 28 април. Покрај нив, истата фестивалска вечер ќе настапат и Eyesburn.
Групата која годинава го остварува своето полнолетство, славеничката турнеја ја започна на 17 февруари, со концерт во загребcкиот клуб KSET, а ден подоцна февруарскиот поход се придвижи и кон Словенија на карневалот Kurentanc во Птуј, каде што настапија и Дубиоза Колектив, Дискобајаги, Magnifico + Turbolenza, Lollobrigida, M.C. in The Boonker.
После 50-те одржани концерти лани, настапувајќи низ 10 земји со имиња како Bad Religion, NOFX, Asian Dub Foundation, Gogol Bordelo и Flogging Molly, јасно е дека и јубилејната година ќе помине во знакот на она што овие момци најдобро го прават, а тоа се токму нивните настапи во живо.
Деновите кога не се на концертните бини, Суперхикс најголемиот дел од своето време го поминуваат во студио, подготвувајќи го новиот албум, па наскоро очекуваме да го споделат со својата публика и првиот сингл од новиот материјал, колку да ја загасиме жедта исчекувајќи го големиот концерт по повод 18-годишнината од постоењето на бендот.