Стрип центарот на Македонија од Велес вечерва, (вторник, 24.04.2012) со почеток во 20:00 часот во просториите на Клуб ГЕМ (Менада), ќе организира стрип изложба која е дел од проектот „Стрип и инклузија ИН, ксенофобија и дискриминација АУТ“.
На оваа стрип изложба ќе бидат преставени стрип дела на млади автори од разни градови и етникуми од нашата земја. Ќе доминираат стрипови нацртани за време на неколкудневна стрип работилница во с. Нежилово, Велешко одржана овој викенд.
Изјава на Ване Трајков-извршен директор на Стрип центарот:
– Точно е дека реализацијата на овој проект се поклопи со неодамнешните настани во Македонија, но проектот е поднесен преку конкурс објавен на крајот на минатата година. Нашата асоцијација повеќе години наназад ,меѓу другото, се бави и со социјална примена на стрипот во општеството, конкретно во сферата на меѓуетничките односи преку стрип, На меѓународно ниво станавме организација – ментор која ја помага стрип сцената во Косово и Албанија. Да потсетам дека мојот најблизок соработник Томе Трајков(не сум во роднински односи ) е добитник на признание за развој на косовската стрип сцена , од страна на овогодинешниот 7-ми Фестивал на стрип и карикатура „Призрен 2011“, Настрана политичкото опкружување, на нашите салони без проблем меѓусебно другаруваат автори од Грција, Бугарија, Србија, Косово, Албанија …
Доста често организираме мултиетнички стрип работилници од неколку дена со млади од сите етникуми кои живеат во Македонија. Тоа се проекти кои си имаат посебни донатори,пред се меѓународни. Точно е дека, еден подолг период досега акцент стававме на интеретничкото дружење и заживување на интересот за стрип кај затворени етнички средини.
Но, со тек на времето од овие етникуми веќе произлегуваат и таленти коишто сакаат посериозно да се бават со стрип во иднина. Од квалитетот на стриповите и од талентот на младите автори присутни на стрип работилница во Нежилово сме повеќе од задоволни. Тој квалитет секој добронамерен може да го примети на закажаната изложба.