Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, утре (среда, 25 април 2012 година) со почеток во 13:00 часот, ќе се отвори завршната изложба на дела во рачно изработена хартија од проектот „Хартијата креативен медиум“.
Едукативното одделение на Националната галерија на Македонија во рамките на својата програма за 2012 година, го реализира следниот проект со наслов „Хартијата креативен медиум“. Проектот претставува заедничка соработка помеѓу три институции од областа на културата:
• Национална галерија на Македонија како носител на проектот,
• Националната универзитетска библиотека “Свети Климент Охридски”, Скопје и
• Кинотека на Македонија, Скопје
Идејата е да се промовираат трите институции кај учениците од основно образование. Генерациите што доаѓаат треба да знаат кој е предметот на работа за секоја институција посебно. Оваа афирмација се реализира на посебен интерактивен начин во насока на збогатување на образовниот процес. Предмет на проектот е хартијата и нејзината примена во секојдневниот живот, еколошкиот момент и односот кон истата. Целта на проектот е преку интерактивна едукација учесниците да се здобијат со нови знаења и вештини. Во проектот се вклучија ученици од пет основни училишта од различни општини на градот Скопје:
– „Свети Климент Охридски“, општина Бутел
– „Јане Сандански“, општина Чаир
– „11 Октомври“, општина Центар
– „Ѓорѓија Пулевски“, општина Аеродром и
– „Димо Хаџи Димов“, општина Карпош
Проектот започна со посета на Кинотека на Македонија на 24 февруари, учениците се запознаа со поставката на Кинотеката, слушнаа за историјата на настанокот и развојот на филмот. Ги угости Владимир Ангелов, виш филмолог и уредник на филмска програма кој ги прошета низ поставката, по што имаа проекција на два филма кои за тема ја имаат хартијата. Филмот „Весници, Весници“ во режија на Александар Ѓурчинов и „Филм од хартија“ каде режисер е Дарко Марковиќ.
Вториот час на проектов се реализира на 28.02.2012 година во Националната галерија на Македонија, во Даут пашиниот амам и Чифте амамот кои се наоѓаат во срцето на градот Скопје, Старата Чаршија. Во Даут пашиниот амам учениците имаа можност да ја разгледаат постојаната поставка и да го погледаат националното богатсво кое датира од 14-тиот век, па до денес. Професорот Симон Шемов детално им објаснуваше на учениците низ прошетката. Потоа учениците го посетија Чифте амам, каде се одржа едукација од страна на професорот и теоретски им се пренесе историјата и технологијата на рачно изработена хартија.
Во втората фаза (најбитниот сегмент на целата програма) акцентот е ставен на работилницата за рачно изработена хартија, која се наоѓа во просториите на НУ НУБ „Свети Климент Охридски“ во рамките на „Младиот Св. Климентов универзитет“. Со работата на НУБ младите ги запозна Зорица Јаковлеска Спировска, раководител на одделението за книжен фонд и услуги, заштита и репрографија. Групите од по десетина ученици од секое училиште одделно се запознаа со технологијата на изработка на хартија и можност истото да го сторат самите. Тајните на изработка на хартијата им ги пренесуваше Ива Јосифова, ликовен уметник. Се работеше со целулоза од банана, абака, еколошки лепила и најпрефинета целулоза од јапонска црница кизуки – козо хартија, со рециклирана хартија при што се добиваа прекрасни листови хартија. Бидејќи проектот има самофинансирачки карактер овие хартии понатака се користеа за изработка на дипломи, благодарници, покани за изложбата…
Во втората фаза од проектот беше организирана масовна еколошка акција по повод Денот на Пролетта, 21 март. За таа цел покрај училиштата беа вклучени и општините Центар, Аеродром и Карпош, а општина Центар како партнер во проектот во оваа акција ги вклучи сите седум основни училишта од својата територија. Со оваа акција се собираше старата непотребна хартија во насока на унапредување на екологијата и рециклирање на старата хартија. Во деновите од 20 до 23 март траеше реализацијата на акцијата.
Третата фаза и завршниот дел на проектот ќе се реализира утре (среда, 25 април), како дел од светската манифестација – Ден на планетата Земја. Општина Центар по овој повод ќе организира хепенинг на улица Македонија пред Спомен куќата на Мајка Тереза со почеток во 11:00 часот. Потоа посетителите и учесниците ќе појдат во Старата скопска Чаршија и ќе присуствуваат на отварање на завршната изложба на Проектот „Хартијата креативен медиум“ која ќе се одржи во објектот на Националната галерија на Македонија – Чифте амам со почеток во 13:00 часот.
Директорката на Националната галерија на Македонија, г-ѓа Халиде Палоши ќе се обрати на сите посетители и ќе ја отвори изложбата.
На сите учесници во проектот ќе им бидат доделени сертификати за успешно завршениот курс од страна на „Младиот Свети Климентов универзитет“ кој работи во рамките на НУ НУБ „Свети Климент Охридски“, потоа Националната галерија на Македонија ќе додели благодарници на сите пријатели на Проектот и три награди за најуспешните млади уметници.