Стартуваше е-неделникот за култура „Репер“

Вчера (23 март 2013 година, сабота) беше објавен првиот онлајн број на возобновениот „Репер“ кој ќе биде прв и во моментов единствен македонски специјализиран е-неделник за култура.

 

 

Замислен како платформа за вмрежување на уметниците од сите области во Македонија и создавање поподобни услови за нивна натамошна комуникација и настап, како во државата така и надвор од неа, списанието за креација и рекреација ќе тежнее да биде медиумски простор, каде што на едно (виртуелно) место ќе изврши (вистинско) обединување на сите вешти луѓе, во време кога на општеството бавно му оди да го стори истото во други сфери и области.

Скромно залагајќи се за ширење на наследената и на современата култура и креативност од територијата на Македонија, преку употреба на современите достигнувања во интернет-технологиите и во социјалните мрежи, со објавување авторски текстови, илустрации, видеоматеријали и друг вид мултимедија од областа на креативноста, уметноста, технологијата, вештините, неделникот зад кој стои издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ќе настојува да изврши континуирана промоција на домашниот автор, од најреномирани имиња до личности чие време допрва ќе дојде.

„Репер“ е конструктивен одговор на сè почестото истуркување на автентичната македонска култура на споредниот колосек од јавниот интерес. Едноставно, спесанието ќе тежнее на македонскиот уметник и креативец воопшто, да му го отстапи медиумскиот простор кој обично му недостасува, истовремено обидувајќи се и да ги задоволи потребите на македонската читателска публика која има насушна потреба од информации и продукција на квалитетни дела од областа на македонската и од светската култура.

Покрај авторите од различни професии и генерации, членови на потесната редакција на „Репер“ се: Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски и Иван Антоновски – млади креатици кои се надеваат дека на овој начин ќе внесат свежа енергија во медиумскиот простор и ќе стимулираат разгранување на контактите и релациите во рамки на македонската културна сцена.

Првиот македонски електронски неделник за култура пред читателите ќе се појавува во сабота.

You May Also Like