Основното училиште ,,Браќа Миладиновци“, од Општина Илинден е едно од 12-те основни училишта во Македонија кои се здобија со наградата ,,зелено знаме“, и се стекна со статусот,,еко-училиште“, на интернационално ниво, а е единственото основно училиште на ниво на Град Скопје.
Со свечена програма во присуство на голем број гости, меѓу кои беше и градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски беше промовирано и кренато зеленото знаме, кое го добија со реализација на еко проекти во нивното училиште. По повод добивањето на наградата, вработените од ОУ„Браќа Миладиновци“ напишаа еколошка химна, чие што исполнување од страна на учениците ги воодушеви присутните на приредбата.
За да се здобие со овој статус училиштето беше вклучено во седум чекори.
Наградата им беше доделена на еко самитот во Охрид што е во организација на Здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО, а во соработка со Министерството за образование и наука во рамки на програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“.
Со зелените знамиња и статусот „еко-градинка“ и „еко-училиште“, со кои се стекнаа градинката „Гоце Делчев“ и училиштето „Браќа Миладиновци“, по извршената евалуација на реализираните активности, сега имаат право да аплицираат за финансиска поддршка со свои еко проекти.