Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Чаир, Изет Меџити и претседателот на Здружението на граѓани „Еснаф“, Мухедин Брава, денеска (понеделник, 12.03.2012 година) го означија почетокот на градежните работи за реконструкција и адаптација на уличното осветлување во Старата скопска чаршија.
– Реконструкцијата и адаптацијата на осветлувањето на Стара скопска чаршија ќе се изведува согласно со проект изработен од „Блаком“ Скопје, за што се предвидени 24.799.789,50 денари, а согласно со Одлуката за Советот на Град Скопје за воспоставување соработка меѓу Град Скопје и општина Чаир, трошоците за реализацијата во висина од 50% ги презема Град Скопје, а 50% општина Чаир. Со реализацијата на овој проект, во којшто ќе се постават 250 столбови со 472 нови алуминиумски декоративни фенери со флуоресцентни штедливи светилки од 60W, чаршијата ќе биде целосно осветлена што ќе придонесе за поголема безбедност на граѓаните и за нејзино заживување – истакна градоначалникот Трајановски.
Овој проект предвидува фенерите да се постават на 57 декоративни лиени железни тросегментни столбови со висина 3,4 метри, со по 3 фенери, 67 декоративни лиени железни тросегментни столбови со висина 3,4 метри со по 2 фенери, 19 декоративни лиени железни тросегментни столбови со висина 3,4 метри со по 1 фенер, 26 декоративни лиени железни тросегментни столбови со висина 2,95 метри со по 1 фенер и 49 декоративни лиени железни едносегментни столбови со висина 4,5 метри со по 2 фенери. Дел од фенерите, односно 77 ќе бидат поставени на фасадите на декоративни ѕидни конзоли.
Рокот предвиден за изведба на работите изнесува 90 работни дена.