Синот на легендарниот македонски фудбалер Милко Ѓуровски и брат на репрезентативецот Марио Ѓуровски, познат кантавтор и диџеј во Србија, Марко Ѓуровски сними дует со ДНК. Нумерата која засега има само работен наслов ќе се најде на новиот албум на ДНК, но и на вториот студиски албум на Марко кој треба да излезе кон крајот на април. Неговиот последен сингл „Лажна девојка“ е најава за новото ЦД „Второ поглавје“ кој ќе биде продолжение на првиот албум „ Една страна од мојата книга“.
– Среќен сум што снимив дует со едни од најдобрите македонски R’n’B артисти- Панчо и Андреј од ДНК. Премногу сум задоволен од тоа како излезе песната и едвај чекам да биде завршен нејзиниот мастеринг и истата да им ја подариме на нашите слушатели. Нумерата е во р&б поп стил, а еден нов музички правец на овие простори – електро р&б фазон ќе преовладува на целиот мој нов албум. Го чекаме денот на промоција на новото ЦД за публиката да одлучи дали и се допаѓа – изјавува Ѓуровски.
Marko Djurovski – Lazna devojka
Тематиката на песните во „Второ поглавје“ на Марко ќе остане иста како и на првиот албум- љубовна, но овој пат од поинаков агол. Во новиот албум, како што самиот вели, на еден храбар иновативен начин тој направил музика каква што приватно сака да слуша.
Марко Ѓуровски се занимава со музика веќе 15 години, а на српската клубска сцена е познат како Лејзи.