Вечер (среда, 29 август, 2012) во 20:00 часот во хотелот „Арка“ во Старата чаршија ќе се одржи презентација на делата од 7-та меѓународна ликовна колонија „Скопје 2012“.
Годинава на ликовната колонија „Скопје 2012“ учествуваа десет академски ликовни уметници, припадници на различни генерации, коишто живеат и творат во различни средини: Трајче Јанчевски, Илија Спасовски Чендо, Горјан Ѓорѓиев, Афродита Кики и Софија Семенпеева од Македонија, како и Маријан Новак Слуњски од Словенија, Бисера Валева од Бугарија, Нилуфер Еркан од Турција, Нарине Григоријан од Ерменија и Марко Луковац од Црна Гора. Тие твореа во срцето на Старата скопска чаршија -место со импресивно богато културно наследство.
Во рамките на колонијата, синоќа во Музејот на град Скопје ликовен перформанс одржаа академските уметници Маријан Новак Слуњски од Република Словенија и Симонида Филиповска Китановска од Македонија.Слуњски е учесник на годинашното издание на Меѓународната ликовна Колонија “Скопје 2012“, додека Филиповска-Китановска беше учесник на првата колонија во 2006 година.
Вечер на завршната презентација на делата од „Скопје 2012“ ќе се обратат градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорката на Музејот на град Скопје, Љубица Кондијанова и сопственикот на Хотел Арка, Сашо Џиковски.