Под мотото „Една милијарда се крева за правда“ денеска на плоштадот Македонија во Скопје ќе биде одбележан V-Денот против насилството врз жените.
Денот ќе се одбележи со танц во пет минути до 12 со химната на годинашната кампања „Break the chain“. Со танцот, кој има моќ да ја трансформира болката во чувство на слобода, организаторите ги повикуваат и охрабруваат жртвите на насилство да му стават крај на насилството.
Според статистиката, една од три жени е малтретирана во текот на нејзиниот живот што значи дека над една милијарда жени се жртви на физичко, сексуално, вербално, психичко и економско насилство.
Во Македонија се подготвува нов закон за превенција од семејно насилство којшто се очекува да ја зајакне улогата на институциите во заштита на жртвите од насилство, а со самото тоа да овозможи и полесен и побрз пристап до правдата, на што се става акцент на годинашната кампања.
Во Македонија организатори на V-Денот се невладините организации ХЕРА, СОЖМ, ОЖС, МАДИ и Зонта Клуб Скопје.
В-Денот е светско движење за превенција, третирање и запирање на насилството врз жените кое има за цел на креативен и мобилизирачки начин да ја покрене јавната свест околу нулта толеранцијата за разните видови на насилство, силувања и трговија со бело робје.