На 7 октомври 2014 (вторник) во 12:00 часот во Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи Свечен собир по повод 70-годишнината од објавувањето на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија, стихозбирката „Песни“ од Ацо Шопов (1944).
Свечениот собир ќе го отвори претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за литературно-историските аспекти на „Песни“ од Ацо Шопов ќе зборува Соња Стојменска Елзесер. Средбата ќе биде збогатена со искажување на Гордана Михаилова Бошнакоска на тема „Очите и љубовта во поезијата на Ацо Шопов“ и со сеќавања на Михаил Ренџов за Ацо Шопов. Стихови од „Песни“ на Шопов ќе кажува Александра Велинова во придружба на гитара на Петар Ренџов. Средбата ќе ја модерира Јасмина Шопова.
По повод одбележувањето на овој значаен книжевен датум издавачката куќа „Сигмапрес“ објави фототипско издание на книгата „Песни“ од Ацо Шопов. Реализаторот на овој оригинален издавачки проект, Маја Бојаџиевска, ќе има искажување на тема „Седумдесет години подоцна“.
