Портрет на бугарскиот писател Анжел Вагенштајн во Градската библиотека

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ организира книжевен портрет на бугарскиот писател Анжел Вагенштајн.

 

pokana _angel_vegenstajn

Портретот ќе се одржи на 18 септември (четврток) 2014 година во Спомен-собата на Миладиновци, со почеток во 19.00 часот. За делото на Вагенштајн ќе говорат Братислав Ташковски и Гоце Смилевски. Делови од неговото творештво ќе чита актерот Томе Витанов

Современиот бугарски писател Анжел Рајмонд Вагенштајн е роден 1922 година во Пловдив, Бугарија. Раното детство го минува во Париз каде неговите родители поради политички причини наоѓаат прибежиште. По една голема амнестија неговото семејство се враќа во Софија. Таму завршува средно училиште и активно се вклучува во забранетиот од власта Работнички младински сојуз. По влегувањето на Бугарија во војната на страна на хитлеровата Германија, тој раководи со диверзантска група која ги напаѓа германските воени складишта.Во една операција е заробен и осуден на смрт. Пресудата не е извршена поради брзото навлегување на Црвената армија во Бугарија. По војната дипломира книнодрамтургија на Московската филмска академија.
Неговите романи „Пентокнижието Исаково“, „Далеку од Толедо“ и „Збогум Шангај“ ја сочинуваат трилогијата посветена на европските евреи во Втората светска војна. Тие се преведени на многу светски јазици и добитници на високи бугарски и европски книжевни награди. Покрај забележливите и високо вреднувани романи, Анжел Вагенштајн е исклучителен филмски сценарист. Неговата филмографија е богата историја на успешни филмски остварувања. Според неговите романи и сценарија се снимени десетици играни филмови, за кои има добиено многу награди.

You May Also Like