„Соба со пијано“ во режија на Игор Иванов доби позитивни критики на Европскиот филмски маркет на Берлинскиот филмски фестивал.
Според филмските критичари Јелка Рочен од Словенија и Александар Шлиг од Германија, идејата и црвената нишка водилка во филмот е одлична: Се забележува дека филмот е сработен со малку пари – нема гламур, ја има минималистичката нота, но и интересниот печат на уметничко режисерско остварување кое, иако без големи претензии, остварува резултат кој пленува.
– Многу добра камера, многу добри актери, перфектен сетинг, добра уметничка режија, добра музика. Посакувам филмот да обиколи многу фестивали и сметам дека ќе добие бројни пријатели, истакна за „Дојче веле“ германскиот продуцент и филмски експерт Марчело Бузе по проекцијата на филмот.
Задоволни од прикажувањето на Филмскиот маркет на Берлиналето се и режисерот Игор Иванов и продуцентот Томи Салковски.
– Целиот фестивалски живот на „Соба со пијано“ го планираме за оваа – 2014 година. Практично сега, со Берлиналето кое ја отвора сезоната на големите фестивали, започнуваме да преговараме каков ќе биде фестивалскиот живот на филмот. Она што е важно е дека сакаме да му овозможиме што подобра меѓународна проомоција и да допре до онаа публика за која е наменет, истакнува режисерот Игор Иванов за „Дојче веле“.
И продуцентот Салковски очекува успешна фестивалска година за „Соба со пијано“. – Мислиме дека филмот ќе има долг живот и во наредните две години ќе настапува на бројни фестивали каде се цени уметничкото филмско остварување. Сакавме филмот да биде во официјалната конкуренција на Берлиналето. Го гледавме само како номиниран меѓу 20-те во борбата за Златната мечка. Не бевме заинтертесирани да го има во некоја од другите придружни програми, подвлекува Салковски, според кого по Берлин започнува меѓународната промоција и диструбуција.

„Соба со пијано“, кој премиерно беше прикажан во септември на отворањето на 34. ИФФК во Ботла, е селектиран во натпреварувачкиот дел на белгардски ФЕСТ. Има и уште неколку договорени фестивали, но информациите се под ембарго, зашто програмата и учеството на некој филм мора прв да ги објави организаторот.
Иванов за „Дојче веле“ открива дека планира снимање документарен филм за групата „Мизар“. – Тоа е првата македонска рок-група која издаде плоча на македонски јазик, која имаше влијание врз музичката сцена на Словенија, Хрватска, но и во Австралија. Тие произлегоја од една скопска андерграунд сцена. Се уште се живи и здрави и сметам дека е вистинско време да се направи еден ваков документарен филм. Тоа е она што сакам да го направам во 2014, изјави Иванов кој работи и на голем проект за браќата Манаки.
– Паралелно работиме и на еден класично европски филм – стандардно нискобуџетско пакување, кое се случува кај нас, овде и сега, во овој простор и време, истакнува за „Дојче веле“ Игор Иванов.