Младински културен центар – Скопје, со сопствени средства и со средства од донација на компанија од Скопје, чиј сопственик сакаше да остане анонимен, официјално започна со реконструкција на двете куполи кои се наоѓаат над Планатериумот и Детскиот креативен центар на објектот на ЈУ МКЦ .
Овие куполи, поради висината на средствата кои беа потребни да се вложат при реконструкцијата на кровот и фасадата на објектот на МКЦ, која се одвиваше со средства од ИПА програмата на ЕУ и средства издвоени од буџетот на Град Скопје, беа изоставени од првично предвидениот план. Изведувачот на зафатите, предвидува во рок од шеесеттина денови целосно да ги реконструира двете куполи, со што тридеценискиот проблем со протекувањето и руинирањето на кровната површина, ентериерот во Детскиот креативен центар и можноста од уништувањето на скапата оптичка опрема која служи за презентација во единствениот Планетариум во Македонија и каде учениците од цела Македонија ги добиваат основните знаења од астрономијата и астрофизиката, конечно ќе биде надминат.
Според зборовите на анонимниот донатор, на ваквиот чекор се одлучил истиот миг кога дознал за протекувањето, а претходно, повеќе години постојано проследувал и бил дел од најразлични настани во МКЦ. Институцијата ја користи оваа можност јавно да му се заблагодари на нашиот сограѓанин за ваквиот несекојдневен потег, со што нè поттикнува да продолжиме со нашите активности насочени кон создавање на вредности кои оставаат траен позитивен белег во уметноста, културата и општеството, и секако промовирање на уметноста и културата на нашата држава во Европа и светот.