Слоештица – Последна станица на патувачкото кино на „Македокс“

Патувачкото кино на „Македокс“ стигна до последната станица на петтото синеастичко патување низ пределите на Македонија. На 28 август „Македокс“ ќе остане во селото Слоештица, каде што се наоѓа и кампот на екипата на Патувачкото кино.

Suvodol_makedox1

Бидејќи жителите на селото го слават верскиот празник Голема Богородица и истовремено се одржува манифестацијата „Славење на Пирејот“, во организација на Арт Поинт Гумно, екипата на Патувачкото кино учествуваше во прославата со беседење пред гробот на книжевниот великан Петре М. Андреевски и со проекција на документарниот филм „Карпо патник“ на Матјаж Иванишин, а беа проектирани и хрониките што „Македокс“ ги сними во демирхисарскиот регион. Проекцијата ќе се одржи средсело, а ќе започне во 20.30 часот.

Од Македокс информираат: „Претходните два дена, на 26 и 27 август ги посетивме Суводол и Сопотница. Селата Суводол и Кутретино речиси се споени, а се наоѓаат во непосредна близина на гратчето Демир Хисар. Патувачкото кино на „Македокс“ одлучи проекцијата на филмовите „Вонземјанинот Ли“ и „Гангстер те сака“ да се одржи покрај домот на културата во Суводол. Станува збор за село со збиен, градски тип со 300 куќи и околу 1.000 жители. Пензионерот Лазар Крстевски, кој е роден во Суводол, а сега живее во Скопје, ни објасни дека порано тоа било турско село, а во турските дефтери се спомнувало уште во 1465 година. Името го добило по сувиот дол во кој е сместено, но во времето на СФРЈ, проблемот со водата е решен со две вештачки акумулации од кои денес селото се снабдува со вода. Над двете езера е откриена римска населба која селаните ја викаат Тепе. Крстевски се потсети дека во 50-тите години на минатиот век во истиот дом го гледал филмот „Мачорот во чизми“, а со Патувачкото кино сме му ги вратиле сеќавањата на детството. Во Суводол беа изненадени од нашата ненадејна посета, но и ние бевме изненадени од нивните познавања на литературата и атомската физика. Селото има своj лекар, стоматолог, архитект. Жителите на селото како домаќини се многу љубезни, приемчиви и пријатни и сакаат да им угодат на гостите што ненајавено се појавиле во нивната оплеменета животна околина.

Селото Сопотница се наоѓа речиси на средината од патот меѓу Кичево и Битола. Во редот на рамничарските села е едно од поголемите во демирхисарскиот регион со околу 800 жители. Во периодот додека работел рудникот за железна руда во селото живееле и повеќе од илјада луѓе, дел од нив сместени во станбени згради, што не е вообичаено во руралните средини. Големината на селото придонела да се развие интерес за културни случувања. Затоа на проекцијата на филмовите „Прилеп – вчера и денес“ на Кочо Недков и „Раселени персони“ на шведските автори Аса Бланк и Јохан Палмгрин се бараше столче повеќе. Несебична помош во организацијата на проекцијата имавме од Александар Пејковски, наставник по биологија и хемија во Подрачното училиште „Браќа Миладиновци“, во чиј двор се одржа проекцијата. Пејковски ни објасни дека во домот на културата во 80-тите години на минатиот век имало проекции на филмови, а многу добро се сеќава на проекцијата на филмот „Пред дождот“ пред 18 години. „Сопотница сѐ уште е големо село и убаво се живее“, потенцира Пејковски и додаде дека во селото има три кафулиња, ресторан, додека селаните живеат со одгледување тутун и пченка, а некои добро заработуваат со собирање лековити билки и печурки во планините. Во селото има изобилство на чиста изворска вода, а селаните се гордеат со живописниот предел на манастирот Свети Атанасиј.

Во сите села во демирхисарскиот регион низ кои помина досега Патувачкото кино успеа да ја оствари својата мисија непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места.
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ и Патувачкото кино се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон, Амбасадите на САД, Холандија и на Шпанија во Скопје, Министерството за култура на РМ и Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје“ – велат од Македокс.

Suvodol_makedox2

You May Also Like