„Репер“ во поддршка на занаетчиите

Во новиот број на „Репер“ кој е објавен денеска (сабота, 6 април), првиот македонски електронски неделник за култура ќе започне кампања за поддршка на македонските занаетчии, актуализирање и популаризација на мноштво стари занаети кои се клучни за традицијата на македонскиот еснаф.

Занаетите не се само професионална определба, туку и животна определба за посветување на креативноста која претставува традиција на едно културно поднебје. Редакцијата на „Репер“ како редакција на списание кое ја промовира и поддржува креативноста во македонската културна средина, соочувајќи се со фактот дека поради продорот на дигитализација и другите сегменти на современото живеење, на мноштво стари занаети им се заканува изумирање, започнува кампања со која не само што ќе се поддржат македонските занаечии благодарение на кои мноштво занаети уште егзистираат во македонската културна средина, туку ќе се направи и обид за реактуализација на некои традиционални македонски вредности сврзани со креативноста и убавото.

Како интернетско списание, со оваа кампања, „Репер“ ќе направи обид, македонските занаети да ги промовира и пред помладите генерации, кои во 21 век, за жал, многу малку се запознаени со смислата и вредностите на голем број занаети кои се стожерни за македонскиот еснаф и притоа да укаже на креативноста која македонскиот занаетчија ја поседува и денес, кога за многумина, занаетот веќе не е професија, туку само хоби. Оттаму, редакцијата на првиот македонски електронски неделник за култура, оваа кампања не ја доживува само како потреба, туку и како своја задача која треба да ја реализира и со тоа да даде влог во зачувувањето на некои од автентичните културни вредности на македонската културна средина.

Кампањата која ќе започне во третиот број на „Репер“ ќе се одвива преку објавување текстови кои не само што ќе ги претставуваат занаетите кои и денес може да се сретнат во македонските чаршии, туку ќе ги претставуваат и ставовите на занаетчиите кои работат во Старата скопска чаршија, како и нивните животни приказни. Во текстовите, не само што ќе бидат претставени изработките на македонскиот занаетчија, туку ќе бидат засведочени и неговите ставови за тоа зошто денес, занаетите не се актуелни како што биле порано, што е она што треба да се направи за тие занаети да не потпаднат под „дигиталната тврдина“ на нашето време, за перспективите на младите занаетчии кои иако свесни во колку лоша состојба се некои стари занаети, од преголема љубов, сепак се одлучуваат да го совладаат мајсторството на занаетитот на нивните предци и да не дозволат да се наруши или заборави традицијата.

Во третиот број на неделникот ќе биде објавен текст посветен на филигранството во кој ќе бидат претставени ставотвите и животните приказни, како и делата на неколку филигранџии кои денес работат во Старата скопска чаршија.

You May Also Like