Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје е организатор на меѓународната конференција „Popular Culture: Reading From Below / Популарната култура: поглед одоздола“.
Конференцијата „Популарната култура: поглед одоздола“ на 3 и 4 ноември 2014 ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите. Оваа конференција е посветена на 50-годишнината од основањето на Центарот за современи културолошки студии на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија (1964 – 2014), чие влијание и наследство е присутно на магистерските и докторските културолошки студии на Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје.
Целосно посветена на популарната култура како средишен предмет на проучување на културолошките студии, конференцијата ќе обедини 130-тина учесници од земјата и странство, меѓу кои позначајни имиња од областа на науката и културата.