Скопјани масовно ја дочекаа Новата 2012 година на плоштадот „Македонија“. И годинава, присутните уживаа во целодневна богата програма каде имаше настани за сите вкусови. Прославата на Новата година беше во организација на Градот Скопје, T-Home и T-Mobile.
Инаку, втора година по ред, за посетителите повеќе денови беше поставен новогодишен базар, кој е поставен во соработка на Германската и со Унгарската амбасада во Република Македонија. Новогодишниот базар годинава беше достапен за граѓаните од 25 декември и се состоеше од 10 мали стилизирани дрвени куќички, поставени пред трговскиот центар „Лумикс“, каде се продаваа автентични производи за унгарската и за германската култура.
За најмладите посетители, изминативе денови се одржаа голем број на забавни содржини, детски театарски претстави, фотографирање со Дедо Мраз и забава со звуците на омилените детски песнички.
Најважниот дел од прославата, музичкиот, годинава беше доверен на домашни музички ѕвезди, кои почнувајќи од 20:00 часот, па се до раните утрински часови ги забавуваа илјадниците присутни.
Присутните граѓани на плоштадот „Македонија“ Новата година ја дочекаа со македонските музички ѕвезди Каролина Гочева, Лаура Крлиу, Влатко Илиевски, Фул Стоп Бенд, Елена Ристеска, Ламбе Алабаковски, Гаро Тавитјан, Есма Реџепова, Владо Јаневски и Тони Зен.