Скопско лето во знакот на одбележување на Земјотресот

Годинешното 34-то издание на Меѓународната културна манифестација „Скопско лето 2013“ ќе биде во знакот на одбележување на 50 години од катастрофалниот земјотрес што 1963-та го погоди Скопје, а ќе стартува со концерт на Филхармонијата на Македонската опера и балет, со гости од Јапонија.

Отворањето ќе го одбележи концертот „Бетовен 9-та симфонија“, под диригентско водство на Шунго Моријама  (Shungo Moriyama) од Јапонија, а солисти на концертот ќе бидат: Еми Хишики (Emi Hishiki) – сопран, Ирена Кавкалевска – мецо – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Кеишуке Танака (Keisuke Tanaka) – баритон. Во концертот ќе учествуваат хорот и оркестарот на МОБ заедно со хористи, гости од Јапонија.

Идејното решение за плакатот, за овогодинешното издание на „Скопско лето“ е авторско дело на уметницата Виолета Коцев, а основниот симбол на постерот, мајката божица, е всушност симболот на Скопје, но изминативе 30-тина години и симбол на оваа културна Манифестација. Ова ќе биде едно од најбогатите изданија на „Скопско лето“, а  културните настани ќе се одржуваат на повеќе од 20 локации. И годинава фестивалот ќе изобилува со театарска и музичка уметност, но нема да изостанат и промоциите на книги, како и кино проекциите во добро познатото Кафе кино. Дирекцијата за култура најавува богато културно скопско лето со програма од меѓународен карактер со гости од скоро сите континенти. Веќе 34 години „Скопско лето“ е во целост посветено на својот град, на градот Скопје, истакна директорот на Дирекцијата за култура и уметност, Мирко Стефановски.

Скопско лето и оваа година ќе биде отворено на 21 јуни, календарски, на првиот ден на летото, но и Светски ден на музиката.

You May Also Like