Симон Шемов и Ханс Херпих со заедничка изложба во Мала станица

Утре вечер (четврток, 20 септември, 2012 година) со почеток во 19:00 часот, во просториите на Мултимедијалниот центар Мала станица, ќе биде отворена заедничка изложба на нашиот еминентен уметник, проф. Симон Шемов и германскиот автор проф. Ханс Херпих, во организација на Националната галерија на Македонија и градот Нирнберг.

Ова ќе биде всушност Ретроспектива на 30-годишното креативно изразување на Симон Шемов во рачно изработената хартија, медиум целулоза, со што македонската публика ќе има можност да се запознае со неговиот целосен ангажман во областа, која претставува едно од најглавните поглавја во развојниот пат на овој наш уметник.

Симон Шемов – роден 1941 година во Кавадарци, дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Белград, 1964 година, а последипломски студии посетувал на Академијата за ликовни уметности Слејд при Лондонскиот универзитетски колеџ во Велика Британија, 1971-72 година. Со едукативна дејност, како професор по сликарство, цртање, акт, рачна изработка на хартија се занимава од 1970, најнапред на Архитектонскиот факултет во Скопје, а потоа и на Факултетот за ликовна уметност од неговото основање во 1981 година. Имал над 30 самостојни изложби, а учествувал на голем број групни изложби во земјата и во странство.

Со рачна изработка на хартија се занимава од 1986 година, преку неа остварувајќи една од своите животни филозофии, а тоа е пантеистичката тенденција и љубовта кон природата. На оваа своја творечка патека ја надоградува и изградува креативната димензија, импулс, потреба.

Ханс Херпик – еден од најзначајните германски автори чиј медиум на изразување е текстилот. Неговиот придонес во современото уметничко изразување во овој традиционален медиум е етаблиран и потврден од страна на критиката и на медиумите во Германија, но и пошироко, на европско ниво. И Херпик се занимавал целиот свој живот со едукација на студенти, сродно на Шемов, и оттука произлегува уште една заедничка нитка, покрај спецификата на нивните медиуми и долгогодишното пријателство, за заедничко одбележување на нивните јубилеи. Презентацијата на Херпик во Мала станица е всушност селективен пресек на неговата ретроспективна изложба, заедничка со Симон Шемов, која минатата година во ноември се одржа во Нирнберг, во просториите на културниот центар при компанијата АЕГ.

Со ова изложба се прославуваат 30 години јубилеј од збратимувањето на градот Скопје со градот Нирнберг. Соработката на Националната галерија на Македонија со градот Нирнберг е подолга од 20 години и се одржува и негува постојано на задоволство на двете страни. НГМ реализирала повеќе македонски претставувања во изминатите години, меѓу кои и 10 Македонски ликовни уметници (1990); 7 Млади македонски уметници (1994), Нове Франговски (2001) и други.

Изложбата ќе ја отворат заменик градоначалникот на градот Нирнберг, г-дин Хорст Фортер и директорката на Националната галерија на Македонија, г-ѓа Халиде Палоши. Кустос на изложбата е Ана Франговска. Истата ќе биде отворена до 20 октомври 2012 година.

You May Also Like