Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица на 28 мај 2014 година (среда) во 20 часот ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Симонида Филипова Китановска. Изложбата содржи 80-тина акварели.
Симонида Филипова-Китановска е родена 1965 Скопје, Македонија. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, 1988 година во класата на проф. Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов. Член на ДЛУМ од 1988 година.
Во периодот од 1991-1997 живее и работи во Бостон, САД. Добитник е на повеќе награди: Гран-при, Интернационален конкурс на акварел, Скопје, Награда за акварел; Интернационален конкурс, Скопје, Димитар Пандилов, сликарство мал формат, ДЛУМ, Димитар Пандилов, сликарство мал формат, ДЛУМ, Биенале на југословенскиот акварел, БАЈ, Карловац.
Добро позната како на македонската така и на светската јавност со својот препознатлив експресивен гестуален ликовен јазик преку многубројните масла на платно, oвојпат Симонида Филипова-Китановска ни се претставува во една друга техника а тоа е акварелот. Сегашната употреба на акварелот е долго истажување на ефектите на играта со боја во вода: соединувања, разделени локви, ореоли, контрасти, слоеви боја, без размислување да се додадат контрасти и да се употребат блескави пигменти. Денешниот акварел се состои од храбри бои.
Симонида Филипова-Китановска ни се претставува со изложбата под наслов ,,Птичја градина‘‘, во нејзините ликовни решенија, во кои колористички ги компонира своите мисли и чуства, изразот е концизен и суптилен, а темата разновидна и интересна. Нејзините акварели не раскажуваат – тие се полни со внатрешна сила. Вештината која ги сплотува трпеливоста и спонтаноста, храброста и рефлексијата, ја создава силата на акварелите на Симонида Филипова-Китановска. Одрази и живост, храброст и академско знаење, таква е експресијата на сите дуалности како водата од акварелот и огненоста на неговите бои. Нејзината уметност ги покажува силните чувства на суптилност, слободата на допирот со четка и вибрацијата на движењето, впива цврста хроматска рамнотежа каде студот и топлината се усогласуваат.
Сцени од животот, најчесто цветови и птици, нејзините теми често пати во 3Д се впуштаат во пресрет на нашиот поглед. За уметничката, акварелот нема други граници освен нашите сопствени. Ги користи цветчето и птиците како тема за трансформација во апстрактни форми, а потоа создава нова фигура, компонирана од тие форми со нова содржина и своја симболика. Колоритот доминантно е потопол и звучен по интезитет, додека сините и ладни бои зрачат со светлина и го зголемуваат пулсирањето на животот во сликата.