Министерот за култура Канческа-Милевска денеска (понеделник, 05.03.2012 година) во просториите на Министерството за култура оствари работна средба со амбасадорот на Хрватска во РМ, Златко Крамариќ. На средбата беа потенцирани традиционалнo добрите културни врски помеѓу двете земји, а се разговараше и за интензивирање на соработката меѓу институциите од областа на културата.
Министерката за култура Канческа-Милевска, на средбата меѓу другото, информираше дека на 30 март годинава во реномираната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб ќе биде одржан концерт на маестро Симон Трпчески, а воедно, во Националната библиотека во хрватската метропола ќе се одржи промоција на едицијата 130 тома македонска книжевност на англиски јазик.
Амбасадорот Крамариќ го истакна своето задоволство од интензивните контакти во областа на културата меѓу двете земји, особено во размената на проекти меѓу институциите. Канческа-Милевска подвлече дека во 2012 година, согласно Годишната програма на Министерството за култура, предвидена е реализација на повеќе активности преку кои ќе се промовира македонската култура во Хрватска.
Прилепскиот театар ќе се претстави на фестивалот „Еуроказ 2012“ во Загреб, Македонската филхармонија ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Дубровнички летни игри“ во Дубровник, изложбата „Синестезија“ ќе биде претставена во Ровињ и Пула и други настани.
Министерката за култура исто така потенцираше дека Министерството за култура ги поддржува активностите на здруженијата на Хрватите во Република Македонија, Македонско-хрватското друштво „Марко Марулиќ“ во Битола и Здружението на Хрватите во Скопје.