Силeн OFF Fest

Програмата на дванаесеттото издание на OFF-Fest носи шест богати фестивалски вечери, во кои ќе настапат значајни музичари од Индија, Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.

Годинешното издание на OFF-Fest, што ќе се одржи од 1 до 6 јуни во Скопје, ќе го отвори популарната индиска ситаристка ANOUSHKA SHANKAR и нејзиниот актуелен рага-фламенко проект “Traveller”, со кој ја стекна номинацијата за наградата Греми и титулата Најдобар музичар на магазинот „Сонглајнс“.

Втората фестивалска вечер скопските музички зависници ќе имаат прилика првпат да ја почувствуваат во живо магијата на музиката на турското TAKSIM TRIO, а истата вечер ќе настапи и нашата гордост, тандемот Елена Христова и Горан Трајкоски со својот проект BIOSCOPIA.


На 4 јуни ќе го видиме првиот состав од Словенија на OFF-Fest. Станува збор за бендот BRINA, предводен од извонредно талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник.

Најжешката вечер е, без сомнение, претпоследната (5 јуни), резервирана за „колумбиските Buena Vista SocialClub” – експлозивните ONDATRÓPICA, како и неверојатно моќната и хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација AZIZ SAHMAOUI & UNIVERSITY OF GNAWA.

OFF-Fest 2013 ќе финишира на 6 јуни, со инспиративниот аудио-визуелен перформанс на финскиот виртуоз и револуционер на хармониката KIMMO POHJONEN и со концертот на фасцинантните јужнокореански инструменталисти TORI ENSEMBLE.

Во рамките на OFF-Fest, на 3 јуни, ќе биде прикажан документарниот филм за Kimmo Pohjonen – SOUNDBREAKER, а една вечер подоцна со свој ди-џеј сет ќе се претстави QUANTIC, во придружба на FRENTE CUMBIERO, заедно познати под името ONDATRÓPICA SOUND SYSTEM.

Фестивалот годинава ќе се одвива на повеќе локации: Универзална сала, Салон на Македонската опера и балет и Кино Фросина.

 

You May Also Like