Концерт на Електро култура во МКЦ

На 29 септември, во киното Фросина ќе се случи долгоочекуваниот концерт на култниот музички проект Електро Култура.

Elektro Kultura - Photo 1

Електро Култура е соло проект зад кој стои Владимир Муратовски Диво – панкер и социјален поет од скопскиот асфалт, страствен вљубеник во музиката и неуморен хроничар на македонската андергрануд сцена речиси три децении. Неговата музика која датира од почетокот на 90-тите години, во изминативе две децении останува една од најдобро чуваните тајни на македонската музичка сцена попримајќи култен статус во скопските андерграунд кругови.

Воедно, ова ќе биде концертна промоција на истоимениот албум кој неодамна се појави во издание на Стотројка а на кој се поместени радио концертот на Електро Култура, снимен минатата година во емисијата „Ако никој не свири“ на Канал 103, како и албумот „Мировна порака“ снимен во далечната 1992 година.

Во камерната и интимна атмосфера на Kино Фросина, на ова негово прво претставување пред пошироката македонска публика, Владимир Муратовски ќе отсвири и сосема нов и необјавен материјал, компониран оваа година.

You May Also Like