На ден 09.04.2012 (понеделник), деканот на ФЕИТ Проф. д-р Миле Станковски и Деканот на ФИНКИ Проф. д-р Димитар Трајанов, деканот на МФС Проф. д-р Атанас Кочов, деканот на АЛБА-Факултет за бизнис Николаос Травлос (Nickolaos Travlos), директорот на Агенција за вработување Влатко Поповски, претставник на АЕК и претставници на БЕСТ свечено ќе го отворат Job Fair 2012, кој се одржува во холот на ФЕИТ и ФИНКИ, по 8-ми пат. Свеченото отварање ќе се одржи во конференциската сала на МФС со почеток во 10:00 часот.
Саемот за вработување и кариера во организација на студентската организација БЕСТ Скопје допринесува за спојување на триаголникот “универзитети-студенти-компании” со цел да ја намали нееднаквоста на понудата и побарувачката на труд, да овозможи директен контакт помеѓу студентите и компаниите и на студентите да им овозможи бесплатни предавања на различни теми од нивното поле на интерес.
Досега на настанот имаат учествувано преку 50 компании во вкупно 7-те изданија на Job Fair ®. Во 2011 на настанот учествуваа 8 компании од кои 2 интернационални, а истиот го посетија преку 3.500 студенти .
На 8мото издание на саемот, кое ќе се одржи од 9-11.04.2012, ќе бидат присутни многу компании од кои како најистакнати се издвојуваат АЛБА-Факултет за бизнис, АЕК- Агенција за електронски комуникации, АВРМ- Агенција за вработување на Република Македонија, Нетцетера, Мепсо, ЕВН, НЦДИЕЛ, Цементара Усје и други.
Презентациите и обуките се комплетно бесплатни за студентите и истите ќе се одржат во просториите на ФЕИТ и ФИНКИ. За сите дополнителни информации околу распоредот може да ја посетите веб страната http://www.jobfair.org.mk/
За БЕСТ Скопје
БЕСТ е неполитичка и непрофитна студентска организација која нуди можности за учење и личен развој и напредок за идните инженери.
БЕСТ е присутен во преку 90 технички универзитети во 32 Европски земји и е достапен за преку 1.000.000 студенти.
БЕСТ го промовира Европскиот дух и ја охрабрува комуникацијата и работата во мултикултурна средина преку настаните кои ги организираме – академски курсеви, инженерски натпревари, едукативни симпозиуми, саеми за вработување.