На Мостот на поезијата синоќа свечено беше одржана поетската манифестација Мостови. Претседателот на Управниот одбор на СВП, Славе Ѓорго Димоски му го врачи Златниот венец на годинешниот носител на ова највисоко признание ,Монгани Вали Сероте. Тој е 47-миот ловоронесец и носител на престижната титула поета лауреатус на Струшките вечери.
Франсоа Ксави Мегр се закити со наградата ,,Мостови” на Струга како годинешен лауреат на УНЕСКО за најдобра дебитантска книга. Наградата ,,Браќа Миладиновци” за најдобра книга меѓу две изданија на фестивалот му беше доделена на Милош Линдро за стихозбирката ,,Основи на небото”. Ивица Челиковиќ, наш иселеник од Гетебург, Шведска ја доби наградата ,,Иселеничка Грамота”. Со ваквиот ритуален чин на овенчување на демијурзите- стожери на поетското перо за оваа година беа изградени нови мостови со Јужноафриканската република- далечниот континент, со Франција и други земји од сите меридијани по што Струга како поетска престолнина е надалеку позната.
Публиката се насладуваше на стиховното вино на градителите на нови мостови кои ја слават љубовта и животот .На нејазичен начин мостовите и годинава говореа, поврзувајќи ја Струга со целиот космос. А мостовите би биле мртви без стиховите изговорени од поетите на овие крепости, стихови излеани како молитва кои ги крштеваат водите на Црни Дрим и Охридското езеро.
Својата поетска воздишка на Мостот на поезијата нa 51то издание на Струшките вечери ја изразија 15тина поети од сите континенти, меѓу кои и минатогодишните македонски носители на Златниот венец, Mатеја Матевски кој настапи со песната ,,Трепетлика” и добитникот на признанието ,,Браќа Миладиновци” Веле Смилевски со песната ,,Забранета книга”.
Струшките вечери продолжуваат со патување на поетите низ земјава до вторник кога ловороносецот Сероте ќе биде прогласен за почесен член на МАНУ . потоа од 12 часот ќе се одржи традиционалното поетско Матине на Матка, а вечерта од 9 часот е закажано интернационалното поетско читање во објектот Сули Ан во старата скопска чаршија.
Ивана Чичоска