Овации на отворена сцена за Симон Трпчески во Кина

Со овации и македонско дело на бис нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, овој пат во Кина. На распродадените концерти во „Поли театарот“ во Пекинг заедно со  Кинескиот филхармониски оркестар и во „Џингаи концертната сала“ во Гвангжу со градскиот Симфонискиот оркестар, под диригентската палка на маестра Жанг Џиан, Трпчески го  изведе Концертот за пијано и оркестар број 2 од Петар Илич Чајковски.

По неколкуте враќања на поклонување во кинеската престолнина, нашиот пијанист на кинески ги поздрави присутните: „Многу ми е мило што сум овде во Пекинг“ и на ерупцијата од воодушевување одговори со бисот – „На Струга…“ од Панде Шахов. За комплетното доживување Трпчески се погрижи кога по сугестија на диригентката Џиан да запее малку од темата што ја претстави, тој седна на пијаното и пред микрофонот, пред да ја изведе композицијата, запеа. На крај, повторно овации во такт за нашиот врвен музичар.

Веќе во саботата, истото се повтори и во Гвангжу, на кој концерт присуствуваа и неколкумина македонци кои живеат и работат во овој град и кои му подготвија посебно празнично изненадување на Трпчески, велејќи дека ова им бил најубавиот Велигден во последните години откако се наоѓаат на таа далечна дестинација.

Од Кина, Трпчески ја продолжува концертната сезона со 3 настапи (од кои еден со камерна музика) во Сиетл, Соединетите американски држави. На двата концерта со Симфонискиот оркестар на Сиетл, во четврток и сабота (19 и 21 април), под диригентската палка на Сузана Малки, ќе биде изведен Пијано концертот во Ге-дур од Морис Равел, а по изведбите во Ставангер и Загреб, својата американска премиера ќе ја има и „Фантазијата на две фолклорни теми“ од Дамир Имери.

You May Also Like