Роман од хрватската новинарка Мирјана Дуганџија на македонски јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна го објави романот „Неколку денови од август“ на хрватската новинарка и писателка Мирјана Дуганџија.

 

Романот „Неколку денови од август“ беше сметан за едно од најдобрите прозни дела во 2011 година во Хрватска – беше финалист на четири високи награди. Се одликува со вдахновен и лиричен израз. Има сложена и амбивалентна раскажувачка структура, го опфаќа емотивното и рационалното, внатрешното и надворешното, приватното и јавното, личното и семејното.

„Неколку денови од август“ е сложен роман за личност која со сите свои ментални, физички, чувствителни и чувствени доживувања, е комплицирана и чувствителна. Тоа е приказна за жена во средни години која во своите високи потпетици вешто одржува рамнотежа во животот и во пишувањето, во чии фрагменти се прелистуваат разни аспекти на нејзината егзистенција: љубовниот живот, новинарската кариера, семејната приказна, бившиот брак, односот со синот, шопинг хистеријата…

„Неколку денови од август“ сосема заслужено ги доби позитивните критики на критиката (М. Јерговиќ, З. Фериќ, З. Јанковиќ, Б. Постников, В. Арсениќ, Т. Панчиќ и други).

„Се чини дека Мирјана Дуганџија напишала книга во која ништо, или скоро ништо, не измислила. Во „Неколку денови од август“ е собран нејзиниот живот, и тоа во неколку различни слоеви, и, потенцијално, во различни романи. Првиот е приказната за жена што е во средни години, има син кој тукушто не одраснал, и после мачниот брак е во врска со оженет маж. Другиот е транзициска приказна за новинарка во една дисфункционална новинарска редакција и за обидите да се преживее во професијата која во Хрватска ја изгубила општествената смисла. Третиот е приказната за градското семејство за време на социјализмот, кое во нови услови и со малку искривен национален профил, ја дочекува староста. Четвртиот е роман за дваесеттиот век, потрагата по семејниот идентитет, по судбините на тетките и стриковците, чиишто лица бледнеат во семејните албуми. Гласот на Дуганџија е нежен и авторитативен, некако господски. За да се пишува така, треба да се има вонсериска дарба.“ (Миленко Јерговиќ)

Мирјана Дуганџија (1960, Пожега), дипломирала компаратив¬на книжевност и филозофија во Загреб. Работела како новинар во Вјесник и Национал, а потоа во неделникот Глобус. Неколку денови од август е прв нејзин роман. Живее во Загреб.

You May Also Like