Роберт Саздов е новиот уметнички директор на овогодишното издание на најреномираниот македонски фестивал на забавни мелодии „Макфест“.
Неговата долгогодишна кариера како продуцент, композитор, аранжер и текстописец, како и искуството стекнато на македонската музичка сцена изминативе години, го донесоа на оваа позиција. Саздов ќе биде човекот кој заедно со стручниот тим на Макфест ќе ги избере новите композиции кои ќе бидат изведени на 27-то издание на фестивалот на 11 – 13 октомври оваа година.
– Сите заинтересирани музичари кои сакаат да испратат своја композиција за Макфест, тоа можат да го сторат до 31-ви мај на официјалниот мејл info@makfest.com. Исто така на конкурсот можат да се пријават и нови изведувачи кои сакаат да настапат на дебитантската вечер на фестивалот, а ние заедно со уметничкиот директор ќе им помогнеме да одберат песна која најмногу би одговарала на стилот кој го изведуваат и на нивните вокални способности – велат организаторите Нова Икс Идеа.
Музичка програма која ќе го крене фестивалот на едно повисоко ниво со талентирани изведувачи и квалитетни композиции, кои потоа ќе станат хитови вредни за паметење, е концептот и за овогодишното издание на Макфест кое како и секогаш со директен пренос ќе биде прикажано на една од националните ТВ станици. Сите новости и информации поврзани со Макфест 2012, ќе можете да ги погледнете на официјалната веб страница на фестивалот www.makfest.com.