Започнува „Весел плоштад на зајдисонце“

Вечерва (петок, 2 септември 2011 година), со почеток во 19:00 часот, пред спомен-плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, ќе почне реализацијата на мултимедијалниот проект насловен како „ВЕСЕЛ ПЛОШТАД НА ЗАЈДИСОНЦЕ“. Проектот ќе се реализира еден час пред стемнување (од 19 до 20 часот) секој петок и сабота. Детскиот културен центар „Карпош“ и „Универзална сала“ како Јавни институции од областа на културата ќе го спроведат проектот на иницијатива на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

-ДКЦ „Карпош“ има желба да излезе од своите рамки на дејствување, односно своите активности од зградата на бул„Илинден“ да ги пресели на Плоштадот Македонија, се со цел да го заживее овој простор преку интерактивно дружење со граѓаните на Скопје. Се надеваме дека со реализацијата на еден ваков проект на скопјани ќе им ги понудиме нашите искуства, ќе им ги покажеме нашите талентирани деца групирани во различни секции, но и дека заеднички со сите граѓани на Скопје ќе можеме да споделиме моменти на забава, разонода и уметност. Можеби на овој начин ќе разбудиме интерес кај најмладата генерација да членува во нашите секции, и се надеваме дека со нашите претстави ќе гостуваме во другите градови на Македонија, бидејќи очекуваме во овој проект да се вклучат сите деца од нашата земја, истакна Ружа Ѓорѓеска, директор на Детски културен центар „Карпош“.

Во проектот учество ќе земат децата, членови на секциите на ДКЦ „Карпош“ и тоа: народен оркестар, забавен оркестар, хор, танчарски групи, ликовна секција (сликари, вајари и друго) како и млади рецитатори, писатели, новинари и љубители на пишаниот збор. Во организација на Универзалната сала од Скопје, во проектот ќе учествуваат: магионичари, куклари, пантомимичари, театарски претстави, како и децата од градинките и училиштата со свои проекти, но и многубројни гости од земјава и странство.

-Проектот во целост ќе биде поддржан од Универзалната сала од Скопје, а како дел од проектот ќе бидат вклучени и уличните музичари и сите тие на некој начин ќе дадат свој придонес во оваа Манифестација, рече Вера Бошковска, директор на Универзална сала.

На 02.09.2011 година (петок) и на 03.09.2011 година (сабота) на Плоштадот пред Сити галери ќе настапат фолклористите од ДКЦ „Карпош“, коишто освен што ќе ги изведат народните ора, ќе одржат и работилници на тема „Танцот и традицијата“.

You May Also Like