Трета година по ред Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) го претстави својот туристички потенцијал на саемот за туризам во Москва, Русија (MITT).
Повеќе од 1800 компании и 198 туристички дестинации ја претставија својата понуда на саемот за туризам во Москва, се сретнаа со партнерите и потенцијалните соработници, но ја искористија и можноста за да ја кренат свесноста за постоењето на нивната дестинација.
“Промоцијата на Република Македонија на овој саем е исклучително важна, ова е еден од најважните саеми во Руската Федерација на која се промовираат речиси сите туристички дестинации. Мислам дека позитивното искуство говори, со оглед на тоа дека од година во година имаме се поголем број на туристи кои сакаат да ја посетат Република Македонија, но зголемен е и бројот на тур-оператори кои имаат интерес за соработка со нас. Оваа година од исклучително значење е воспоставениот контакт со Асоцијацијата на туристички оператори на Руската Федерација, а во претстојниот период би требало да се вопспостави продлабочена соработка со АППТ во делот на промоција на Република Македонија, а исто така и во делот на склучување на договор со позначајни тур-ооператори кои ќе можат во текот на наредната година да организираат туристички тури во Република Македонија и да го зголемат вкупниот обем на туристи кои ќе ја посетат нашата држава.” – изјави Амбасадорот на Република Македонија во Русија, г-дин Илија Исајловски.
“Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот имаше успешно учество на саемот за туризам во Москва MITT 2014 каде ги претстави своите туристички потенцијали. Трет пат по ред настапуваме на саемот за туризам во Москва МИТТ, а доказ дека одлуката за настап на рускиот пазар е правилен избор е фактот што по првиот настап минатата година имаме зголемување на броjот на туристи од Русиja за 41%. Охрабрени од резултатите од минатогодишниот настап, како и од покажаниот интерес од страна на руските туроператори и од руските граѓани на овогодишниот саем за туризам МИТТ, оваа година одлучивме да настапиме поагресивно на рускиот пазар при што ќе вклучиме презентации пред руски туроператори за претставување на атрактивноста на Република Македонија како туристичка дестинација, а воедно и подетални информации за можностите за користење субвенции кои предизвикаа интерес кај руските туроператори. Освен презентации кампањата ќе вклучува претставување на Македонија како туристичка дестинација во пишани и електронски медиуми, но и организација на информативни патувања во Македонија на веќе заинтересираните туроператори и новинари, како и организација на денови на македонскиот туризам во соработка со Амбасадата во Москва. Во таа насока беше остварена средба со директорот на Асоцијацијата на руски туроператори г-ѓа Маја Лумиѕе на која што беше договорено кампањата на Република Македонија да биде организирана во соработка и со поддршка на Асоцијацијата на руски туроператори за што очекуваме да биде потпишан договор до крајот на месецов” изјави директорот на Агенција за поддршка и промоција на туризмот, г-дин Кристијан Џамбазовски
На саемот за туризам во Москва, Република Македонија се претстави во нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали кои имаа можност да ги видат скоро 40 000 посетители.
Со овој саем Република Македонија го завршува саемското претставување на туристичкиот потенцијал во првата половина на 2014 година.