Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари средба со заменик-министерот за култура на Република Литванија, Дариус Мажинтас.
На средбата се истакна дека односите меѓу двете земји се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување, а одличните билатерални односи овозможија меѓусебно запознавање со културните вредности на двете земји.
На средбата стана збор за досегашната соработка меѓу двете министерства што е потврдена и со потпишувањето на Договорот за соработка во областа на културата. Воедно беше разгледана и можноста за нејзино унапредување преку размена на уметници, музички ансамбли, како и меѓуинституционална соработка меѓу музеите за современа уметност и националните галерии, што би резултирало со организирање изложби и ликовни колонии.
Канческа-Милевска го информираше заменик-министерот Мажинтас за позначајните активности на Министерството за култура, како и за реализацијата на капиталните инвестиции и сите инфраструктурни објекти од областа на културата кои се од големо значење за Република Македонија и важен чекор во остварувањето на културата.
Министерката за култура на средбата упати отворена покана до заменик-министерот на Литванија за повторна посета на Република Македонија во рамките на наредните изданија на реномираниот фестивал „Охридско лето“ и на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“.