Расел Кору „казнет“ од Ал Азхар

Една од најистакнатите исламски институции во светот Ал Азхар упати фатва против најновиот холивудски филм на актерот Расел Кроу за библиската арка на Ное, објаснувајќи дека станува збор за филм кој е „спротивен на учењето на исламот“.

russell-crowe

Фатвата која според исламското право претставува судска наредба е издадена од влијателниот каирски Универзитет Ал Азхар, формиран заедно со истоимената џамија уште во 970 година. Угледните личности од сунитскиот ислам од оваа институција сметаат дека филмот на Кроу „ги провоцира чувствата на исламските вернци, што исламот го забранува, па затоа претставува насилство врз исламското право“.

Три арапски земји од Персискиот Залив – Катар,Бахреин и Обединетите Арапски Емирати го забранија прикажувањето на овој филм уште пред неговата светска премиера, а треба да се очекува дека нивниот пример ќе го следат и други земји, а посебно Египет, Јордан и Кувајт.

Според легендата, Ное изградил арка за да се спаси себе си, своето најблиско семејство и повеќе видови животни, како двојки, бегајќи пред божјиот потоп на Земјата. Легендата за арката на Ное ја има во Библијата и во христијанството, во делот за постанокот на човештвото, но ја има и во еврејското учење, како и во исламот, кој и посветува цело едно поглавје во Коранот.

Во образложението за фатвата од Ал Азхар се наведува дека оваа исламска институција „се противи на секое сликање или отсликување на божјите изасланици (како Ное) и на божјите пророци“.

Американската компанија „Парамаунт“ која има вложено во филмот 75 милиони долари соопшти дека таа претходно побарала и добила „уметничка дозвола“ за снимање на филмот, но инсистира дека филмот претставува само компјутерско отсликување на Ное кој со меч во раката се бори против тоа на неговата арка да се качат и грешниците.

„Казнетиот“ Расел Кроу е третиот кандидат за улогата на Ное, откако Мајкл Фасбиндер и Кристијан Бејл претходно одбиле да се појават во филмот. Премиерата на филмот во САД е закажана за 26 март.

You May Also Like