Книжевна средба во чест на Радован Павловски

Утре ( 12 март 2014 година, среда) во спомен-собата на Миладиновци, со почеток во 12:00 часот, во Градскта библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи Книжевно пладне – одбележување 50 годни од излегувањето на стихозбираката „Корабија“ од академик Радован Павловски.

Radovan Pavlovski

 

За поезијата на Павловски ќе говорат академик Милан Ѓурчинов, Бранко Цветкоски и Мите Стефоски. Стихови од „Корабија“ ќе кажува актерот Томе Витанов.

Акедемик Радован Павловски, поет, есеист, патописец, колумнист, роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија, каде неговото семејство престојувало како печалбари. Подоцна со семејство се враќа во Железна Река, поетската татковина и митското село на Радован Павловски, сместено во подрачјето меѓу Гостивар, Кичево и Поречје во Западна Македонија. Основното образование го завршил во Железна Река, средното во Гостивар и студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од 2006 година е редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Автор е на многу поетски книги кои оставиле длабоки вредносни карактеристики и обележја кои изобилуваат со убавини и уникатности во македонска поезија. Добитник е на сите позначајни книжевни награди за поезија во Република Македонија, носител е на високи поетски награди од поранешните поетски и културни југословенски простори, како и на влијателни светски признанија за животно дело, од кои се одделува Наградата за врвни достигнувања во 20 век од Меѓународниот биографски центар од Кембриџ, која е неповторлива во наредните стотина години. Радован Павловски е застапен во и во Биографиите на 2.000 исклучителни луѓе на 20 век. Преведуван е на многу светски јазици и е застапен во сите антологии на современата македонска поезија.

За Радован Павловски и за „Корабија“
Во времето на создавањето на книгата настан – „Корабија“ поетот ќе се обрати до јавноста со порака за неговиот поетски ритам: „Песната не се пишува на хартија. Понекогаш раката одбива да пишува стихови. Тогаш чувствувам дека пишувам со дишењето…“ , за да продолжи: „Она што не поминува, тоа е песната. Песната останува, зашто и самото време минува низ бесмртно испеаната песна.“
Денес одбележуваме педесет години од објавувањето на „Корабија“. Оваа поезија е непобитен поетски факт дека убавината нема граници и таквите книги имаат долг живот. Нема ништо поубаво за еден поет неговите книги да живеат долго и секогаш да бидат интересни за читање. И тогаш, пред половина век, и денес кога вредностите се изместени од некаков „електронски естетички наплив“ поезијата во „Корабија“ е прекрасна, инспиративна и интергенерациски прифатена. Таа излезе од печат 1964 година и веднаш по објавување предизвика големо внимание и широк интерес во македонските книжевни кругови. „Корабија“ е составена од единаесет помали поеми, испеана е и е исполнета со пораки од еден вистински и побунет петски свет за бесконечноста, постојбината и немерливоста на песната и нејзината татковина, која нема граници. Кога станува збор за големината на поетот Радован Павловски не можеме а да не забележиме дека тој е вистински аргонаут, кој планетарно се бори за поезијата со неговото најсилно оружје – песната. Затоа ќе останат запаметени неговите вехементни зборови: Би вовел барем еден ден како државен празник на поезијата и љубовта, постепено би ги укинал границите на светот.

You May Also Like