Универзитетот Евро Балкан во партнерска соработка со Фестивалот за експериментални изведбени уметности – Импакт од Велес, во периодот од 1-4 октомври, организираат четири кратки работилници за изведбени уметности. Работилниците ќе се одржат во Универзитетот „Евро Балкан“ со почеток од 11:00 часот.
01.10. 2012 (понеделник) – Тове Салин (Шведска) Работилница: Моите сопствени тела – Танцувајќи сам заедно со другите.
Работилницата ќе се концентрира на тресењето како пракса на движење и пропратната артикулација на движењето. Играта на подучување што ја предлага Тове се вика M.i.p.p. – Mind map improvisation presentation performance кадешто учесниците на работилницата ќе добијат можност да импровизираат предавање додека ги илустрираат своите мисли на бела табла. Тове го користи овој метод веќе неколку години во својата соработка со други лица како начин за споделување на мислите и дилемите во рамките на еден разигран формат.
02.10.2012 (вторник) – Јуре Новак (Словенија) Работилница: Политички театар?
Дали е можно да постои политички театар денес? Дали некогаш постоел? Во своето предавање / дискусија Јуре Новак ќе отвори прашања за можностите за политичка активност и активизам во рамките на театарот и праксите на изведба во однос на реалните политики на театарот и личните политики на уметникот.Тој ќе ги презентира своите гледишта и ќе ги анализира врз основа на неколку домашни и странски проекти, како и врз основа на некои од своите дела. По презентацијата ќе следува сесија за отворена дискусија.
03.10.2012 (среда) – Мустафа Каплан (Турција) Работилница: Тело и простор.
По загревањето со основни вежби со танцување и игри за двајца, ќе поработиме на перцепцијата на телото и просторот. Празнина / исполнетост, движечки простор и пејзаж ќе бидат нашите клучни зборови за оваа работилница.
04.10.2012 (четврток) – Јана Свободова (Чешка) Работилница: Актерот како архитект на просторот Мото: „Добриот актер е како мечка. Тој никогаш нема да нападне прв.“ Роберт Вилсон.
Театарската работилница на Јана Свободова се базира на Viewpoints методот развиен од американската режисерка Ен Богарт. Viewpoints методот тргнува од претпоставката за „празен простор“. Актерот му дава форма на просторот со своите гестикулации. Кога започнува гестикулацијата? Кога движењето? Кога се појавуваат зборовите? Кога започнува приказната? Каква улога игра времето? Работилницата се состои од серија игри и импровизација на простор, формирани од индивидуалната имагинација и способноста на секој учесник. Важен аспект е постојаната свесност за „гледачот“.