Работилница за фотографијата како креативна индустрија

Проект платформата за развој на креативните индустрии „Скопје креатива“, во соработка со регионалната платформа за активизам „Лице в лице“, организираат тридневна работилница за фотографија насловена „Една фотографија – илјада зборови“, наменета за креативци до 25 години.

Работилницата ќе се одржи од 5 до 7 април во Младинскиот културен центар во Скопје. Младите креативци ќе имаат можност од професионалниот фотограф Томислав Георгиев да ги научат вештините на уметничкото творење преку фотографија и тоа на теми како што се: демаргинализација, екологија и активизам.

Една од задачите на проект платформата за развој на креативните индустрии „Скопје креатива“ е преку низа активности меѓу кои се и работилници за младите луѓе, директно да го пренсеме значењето за креативните индустрии и можностите кои ги дава спојот на убавото и корисното во општеството, економијата и индустријата, вели Миодраг Костиќ, директор на проект платформата за развој на креативни индустрии „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“.

Ова е една од низата работилници што регионалната платформа за активизам „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“ ги реализираше во изминатиов период со цел кај младите креативци да поттикне критичко преиспитување за општествените и социјалните вредности.

Намерата е кај младите да се разбуди и освести потребата за општествена одговорност преку уметноста. Добрата фотографија доловува цела приказна, но важен е приодот. И предрасудите можат да се прочитаат во неа доколку авторот не расчистил со нив. Работилницата има двојна улога- усовршување техники, композиција, кадар, план, но и поттикнување младите креативци да го изразат својот став за реалноста – нагласи Климентина Илијевски, координатор на регионалната платформа за активизам, за Македонија.

Услов за учество во оваа работилница е пријавените кандидати да имаат сопствен фотоапарат. Најуспешните дела ќе бидат објавени во уличното активистичко списание „Лице в лице“, а ќе имаат и можност да учествуваат на јавниот повик за избор на најдобра фотографија кој што ќе го објави проект платформата за развој на креативните индустрии „Скопје креатива“.

Најдобрите фотографии кои што ќе ги селектира стручна комисија ќе бидат презентирани на изложба во „Галерија 8“, а три од нив ќе бидат наградени од „Никон“.

Биографиите и кусите мотивациони писма на кандидатите се очекуваат на licevlice@cma.mk, најдоцна до 3.април 2013 година.

Конечната листа на избрани кандидати за учество ќе биде објавена на 4. април.

You May Also Like