На 18 октомври (четврток) со почеток во 20:00 часот во Менада, во старата скопска чаршија, издавачката куќа Или-Или ќе го претстави новиот роман од Лидија Димковска „Резервен живот“. Романот ќе го промовираат Оливера Ќорвезировска и Гоце Смилевски.
Резервен живот е втор роман потпишан од Лидија Димковска, несомнено најсилниот творечки глас од генерацијата македонски писатели родени во седумдесеттите. Реткост е, не само кај нас, да се биде подеднакво успешен и во поезијата, и во прозата, но таа реткост е правило кај Димковска, правило кое го потврдува со секоја своја објава – таа е подеднакво моќна во своите пет поетски збирки (за чија вредност сведочат бројните избори објавени во странство, и неколкуте високи меѓународни признанија), како и во романот „Скриена камера“ (за кој ја доби наградата „Стале Попов“ и е преведен на неколку јазици).