Насочувајќи се кон што поисцрпно истражување на рецентната феноменологија на популарната култура, конференцијата „Популарната култура: поглед одоздола“ воедно е замислена како собир отворен и за заинтересираната јавност.
Во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Културолошките студии во книжевноста при истата установа на 3 и 4 ноември 2014 година во Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи Меѓународната научна конференција „Популарната култура: поглед одоздола“.
Конференцијата е посветена на одбележувањето на јубилејните педесет години од основањето на Центарот за современи културолошки студии на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија (1964-2014),чие влијание и наследство е присутно во рамките на магистерските и докторските културолошки студиски програми на Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје.
Конференцијата „Популарната култура: поглед одоздола“ според својата концепција има за цел да ги истражи актуелните односи на сила на полето на културата што влијаат во обликувањето на статусните хиерархии во општеството, да се осврне кон дефинирањето на механизмите со кои се определуваат општествените статуси центар и периферија, како и да ги расветли општествените норми кои ги наметнуваат односите на репресија или маргинализација. Оттука, очекуваните резултати од размената на согледувањата на врвните домашни и странски теоретичари од областа на културата се насочени пред сè кон анализата и критиката на популарната културна продукција во глобални рамки, но и кон осмислувањето на нови поврзувања меѓу различните културни форми во секојдневниот живот.
Насочувајќи се кон што поисцрпно истражување на рецентната феноменологија на популарната култура, конференцијата „Популарната култура: поглед одоздола“ воедно е замислена како собир отворен и за заинтересираната јавност.