Промоцијата на четвртиот број на активистичкото улично списание „Лице в лице“, ќе се одржи денеска (вторник, 9 април 2013) во 11.30 часот во рамките на Саемот на книгата во Скопје, на штандот на издавачката куќа „Табернакул“. Со секој купен примерок од новиот број на „Лице в лице“ на 9 и 10 април, читателите бесплатно ќе добијат книга од “Табернакул“.
Промотори на новиот број ќе бидат актерката Амернис Нокшиќи-Јовановска, спортистката Гордана Нацева, харфистката и актерка Весна Станојевска и писателот Иван Шопов. Тие ќе се дружат продавачите и со присутните, но и заеднички, ќе го понудат новиот број на „Лице в лице“ кој носи актуелни содржини од областа на активизмот, заштитата на животната средина, општествената одговорност, инклузијата, културата и уметноста.
Во новиот број на списанието ќе прочитате две ексклузивни интервјуа кои ги објавуваме како членови на Меѓународната мрежа на улични весници (ИНСП), едното со шкотскиот писател Ирвин Велш, автор на популарниот роман „Trainspotting“ (врз основа на кој Дени Бојл го направи истоимениот филм во 1996 година), второто со холивудскиот актер Дастин Хофман кој неодамна го имаше и своето режисерско деби „Квартет“. Дел од содржините е и мотивирачкиот блог на Анџела Агелер советничката за односи со јавност од Амбасадата на САД во Македонија, потоапораките на актуелните бендови кои прават позитивни промени во нашето општество, „Бернајс пропаганда“ и „Старовски бенд“, текст од нашата писателка Лидија Димковска, мало истражување за нашите навики за читање, текст за донирањето органи, хуманитарната активност на организација од Австрија која преку донации се бори да им помогне на децата во Шуто Оризари и многу други содржини.
Со новиот број на „Лице в лице“ се проширува и мрежата на продавачи, па „Лице в лице“ започна и соработка и со Здружението за поддршка на лица со посебни потреби „Солем“. Тие ќе дадат свој придонес во тимот на продавачи во кој се и младинци од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари и бездомници за кои се грижи Црвениот крст на град Скопје.