Во Матичната библиотека при Домот на култура „Драги Тозија“ – Ресен, денес (четврток, 22 ноември) ќе биде промовиран романот „Лет број 555“ од авторот Бобан Богатиновски.
Промоцијата на ова литературно дело ќе се одржи со почеток во 13:30 часот. Делото на Богатиновски преставува психолошки роман кој е своевиден психијатриски бележник, „Дневник“ – на музичарот, на писателот, на психијатарот и на трагачот по вистината.
Богатиновски е роден во Куманово, 1971 година. Автор е на книгите поезија: „Луцидни халуцинации“, „Прекрасен ден за умирање“, „Светлината е посилна“,„Барајќи карпа за молитва“ како и на романите „Соба за разговор“, „Коцкар“ и „Монотонија“.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Објавувал во сите позначајни литературни списанија. Застапен е во хронолошките прегледи на помладата македонска поезија. Дел од неговата поезија е препеана и објавена на бугарски, романски, словенечки и англиски јазик.