Во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Општина Центар беше одржана промоцијата на материјалот со информативно-едукативна содржина, наменет за превенција на децата во училиштата од сексуална злоупотреба и педофилија.
Директорката на училиштето Горица Веловска пречекувајќи ги гостите, најсрдечно ги поздрави и истакна дека и претставува голема чест и задоволство што токму ова училиште е домаќин на кампањата за имплементација на „Акциониот план за справување и превенција од сексуална злоупотреба на деца и педофилија“.
Оваа кампања е во организација на Црвениот крст на Македонија, Министерството за труд и социјална политика и центрите за социјална работа. На настанот пред присутните се обратија министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и секретарот на Црвениот крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска. Присутните се сложија дека е направена добра евалуација по завршувањето на првата фаза од кампањата „Со едукација и знаење до превенција од секуална злоупотреба и педофилија“.
Изработениот промотивниот флаер, насловен „Секое дете има право да биде згрижено и заштитено од насилство, злоупотреба и занемарување“ е наменет за учениците од основните училишта кој што има за цел да ја зголеми нивната информираност, а воедно и нивната превенција навремено и ефикасно да се справат со овие проблеми. На оваа промоција во училиштето беа поделени едукативните флаери помеѓу учениците и наставниците. Секое дете има право да биде згрижено и заштитено од ваков вид на насилство и злоупотреба на неговата личност.
Втората фаза од кампањата, веќе започнува овој месец и ќе трае заклучно до јуни идната година, во чии рамки ќе се одржат работилници во кои ќе се спроведе обука на волонтери на Црвениот крст и претставници од центрите за социјална заштита. Се работи за млади луѓе кои со обуки на врснички едукатори ќе можат да допрат повеќе до децата и практично да го применат овој флаер.