Промоција на Центарот за образование на возрасни при Институтот „Евро-Балкан“

Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ има особена чест и задоволство да Ве покани на промовирањето на новиот Центар за образование на возрасни,  кое ќе се одржи вечерва (среда, 16 ноември 2011 година), во 20:00 часот, во просториите на ресторанот „МКЦ Клуб ресторан“, лоциран во Младинскиот културен центар, Скопје.

Формирањето на Центарот за образование на возрасни претставува дел од широката програмска дејност на Институтот „Евро-Балкан“, фокусирана кон интердисциплинарно проучување на општествените и хуманистички науки и уметности и неговата цврста посветеност кон подигнувањето на квалитетот на образованието во Р. Македонија. Центарот за образование на возрасни се стреми кон подигнувње на нивото на квалификации на посетителите на курсевите преку програми за образование на возрасни како дел од програмата за доживотно учење.

Центарот нуди програми за образование на возрасни во областа на применетите уметности, курсеви по фотографија, монтажа на слика и тон, креатор на облека, дизајнер на текстил и облека, дизајн на ентериер, курс по цртање и школо за џез музика. Програмите за курсевите се изработени во соработка со веќе докажани професионалци во соодветните области, како  фотографот Марко Георгиев, Томато продукција, модните дизајнери Никола Ефтимов и Росица Мршиќ, Снап дизајн и Елена Диневска, уметникот Симонида Филипова-Китановска, џез музичарите Тони Китановски и Оскар Салас.

Центарот ќе функционира и како изложбен салон во кој во моментот се истакнати уметнички дела од нашиот реномиран уметник Симонида Филипова-Китановска, како и модни фотографии од учеството на Никола Ефтимов и Росица Мршиќ на последниот Моден викенд во Скопје. Во Центарот ќе се изведуваат редовни проекции на филмови со пропратни научни дискусии од областа на уметностите, општествените и хуманистичките науки, како дел од проектите на Институтот „ЕвроБалкан“. Во рамките на Центарот има и библиотека-книжарница во која освен стручна литература од гореспоменатите области, може да се најдат и сите изданија на издавачката куќа „ЕвроБалкан Пресс“.

Организирањето на промоцијата на Центарот за образование на возрасни претставува иницијален дел од претставувањето на овој нов сегмент од образовната дејност на Институтот „Евро-Балкан“. На промоцијата ќе бидат претставени програмите од сите области, ќе има презентација на фотографии од курсот на Марко Георгиев и мини концерт на Тони Китановски и Оскар Салас.

Просториите на Центарот за образование на возрасни при Институт „ЕвроБалкан“ се наоѓаат на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 88а (спроти фонтаната во Градски парк). За подетални информации може да ја посетите веб страната на Центарот www.cov-euba.mk, или веб страната на Институтот www.euba.edu.mk.

You May Also Like